Политика

Опозицијата не успеа да изгласа недоверба на Владата

12.11.2021 12:42

Опозицијата не успеа во Собранието да изгласа недоверба на Владата на премиерот Заев. ВМРО-ДПМНЕ бара брзи предвремени избори, Левица размислува за радикализација. СДСМ најави зголемено владејачко мнозинство, а за ДУИ ова е победа на прогресивните сили во земјава.

Владата на СДСМ и ДУИ останува откако во парламентот пропадна иницијативата на опозициските партии да се гласа за недоверба на извршната власт. Имено, пред полноќ без изјаснување на пратениците за довербата во Владата заврши собраниската седница што ја иницираа опозициските пратеници со цел да се изгласа недоверба на кабинетот на премиерот Зоран Заев. Во отсуство на пратениците од опозицијата претседателот на парламентот Талат Џафери ја затвори седницата. Дневниот ред не е изгласан, поради фактот што не може да се отвори дебата, според деловникот не ни останува ништо освен да констатираме дека на Владата не ѝ е изгласана иницијативата за доверба на Владата и таа продолжува да работи во полниот состав, рече Џафери.

На затворањето на седницата беа присутни само пратеници на власта, како и премиерот Зоран Заев. До ваквиот епилог дојде по многу контроверзи случени на почетокот на собраниската сесија. На опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која заедно со Левица, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса, бараше седница за гласање на доверба не и успеа да собере потребно мнозинство од 61 пратеник за да започне седницата. Имаа вкупно 60 присутни пратеници откако пратеникот на Беса Кастриот Реџепи под неразјаснети околности реши да не учествува во работата на седницата и да гласа за недоверба во Владата. Подоцна следеа неколку подолги паузи, а од редовите на позицијата се упатија тешки обвинувања до власта дека организирала киднапирање на пратеникот Реџепи со цел тој да се откаже од учеството на седницата. Денес во Македонија се погази демократијата и сите ќе одговараат за ова. Беше киднапиран пратеник, беа земани мобилни телефони од пратениците и беа затворани во простории во собранието. Бараме брзи предвремени избори во најбрз можен рок, рече Александар Николовски, од ВМРО – ДПМНЕ.

Во текот на денот пратеникот Кастриот Реџепи се огласи со видео-изјава објавена на социјалните мрежи во која кажува дека не е киднапиран. Но, лидерот на Беса Билал Касами изјави дека е убеден дека тоа е направено под присила.-Веруваме и убедени сме дека ова видео е направено под присила бидејќи е направено во моментот кога јас одам во полиција да пријавам, нагласи Касами.

Од друга страна, Артан Груби од ДУИ, рече дека нема причина за вознемиреност околу пратеникот Реџепи бидејќи „неговото срце спие во Вашингтон и во Брисел“.

Од СДСМ најавија дека нивното коалициско мнозинство ќе расте. Народот повторно е излажан од Мицкоски и затоа наместо да шири невистини, треба да се засрами, да излезе и да им се извини на граѓаните, а потоа и да си даде оставка. Граѓаните да бидат спокојни, СДСМ, заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбеди стабилност и продолжување на напредокот на земјата, велат социјалдемократите.

Пратениците од мнозинството вчера воопшто не се појавија во собраниската сала, со исклучок на спикерот Талат Џафери, кој ја отвори и ја затвори седницата, а во меѓувреме претседавањето со неа му го довери на потпретседателот на парламентот од редовите на Беса, Фадил Зендели.

Централниот одбор на СДСМ, на седницата пред два дена, практично ги замрзна оставките што Заев ги најави на премиерската и на лидерската позиција во партијата, по вториот изборен круг. Оставките, како што беше речено, се одложуваат додека не се нормализираат процесите во државата.

Игор Панов