КОВИД-19

Европа ќе изолира невакцинирани, продолжува растот на нови случаи со Ковид-19

12.11.2021 13:03

Европа ќе изолира невакцинирани. Бројките на стариот континент и натаму растат. Најкритично во Бугарија и Романија. За разлика од лани, Шпанија есенва успеа да избегне нов бран благодарение на високиот процент на имунизирани лица.

Европа воведува изолација за невакцинираните пред зимската сезона. Германија и Холандија веќе бележат рекордни бројки на заразени со Ковид-19.

„Мислам дека пак ќе затворат сѐ. Рестораните, ноќниот живот, се надевам дека нема да има полициски час.“

„Треба да ги следиме правилата. На владата не и е лесно да носи одлуки, бидејќи никогаш нема да им удоволат на сите.“

Австрија подготвува карантин за лица кои не примиле ниту една доза. Излезот од дома ќе им биде дозволен само доколку наведеат суштинска потреба. Причина за заострувањето на мерките е преоптовареноста на болничките оддели.

„Познавам луѓе кои се скептични околу вакцината. Навистина се исплашени. Не можете да ги принудите. Затворањето е многу тешка мерка.“

„Тажно е и разочарувачки што се враќа ова. Имам деца и пак си го поставувам прашањето дали ќе се затворат училиштата, градинките, дали ќе можам да работам, дали е навистина опасно? Јас примив вакцина, за што, всушност, го направив тоа?“

Романија и Бугарија и натаму со најниска стапка на вакцинираност во ЕУ. За разлика од нив, Шпанија која на почетокот на пандемијата беше едно од жариштата на Стариот континент, оваа есен успеа да се спаси од нов бран поради големиот процент на имунизирани лица. Досега две дози примиле 79% од шпанското население, што е повеќе во споредба со Обединетото Кралство и Германија каде што се вакцинирани 67% од луѓето.

Израел, пак, се подготвува за справување со нова, посмртоносна варијанта на вирусот. Полицијата и војската одржаа вежба наречена „Омега“ со која се тестираат системските механизми во услови на нови затворања.

„Одржавме воена вежба за нов сој кој не постои, но ние се подготвуваме за него. Го извлековме Израел од делта-варијантата без никакво затворање. Ова е важно достигнување зашто покажува дека е можно работите да се прават на поинаков начин. Докажавме дека со соодветно менаџирање може да ја победиме пандемијата“, изјави Нафтали Бенет, премиер на Израел.

Досега, на глобално ниво од Ковид-19 починале над 5 милиони лица. 

 

Маја С. Филдишев