ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори, СДСМ смета дека не се потребни
Брзи избори за решение на политичката криза и стабилна влада бараат од ВМРО-ДПМНЕ. Опозицијата обвини дека власта со недемократски средства вршела притисок врз опозициски пратеници, кои ставиле потпис за пад на Владата, за да се откажат од тоа. Се огласија и социјалдемократите. Велат, сега не е време за предвремени избори, како што бара опозицијата...

Со 59 пратеници плус еден киднапиран пратеник, владата нема мнозинство во Собранието, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Затоа излезот од кризата е распишување на предвремени парламентарни избори, велат од опозицијата.
„Само брзи избори се излез од кризата во која Заев ја турка државата. Само стабилна влада ќе може да ја извади државата од кризи“, изјави Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ побараа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски да си поднесе оставка, оти како што велат, со денови го лажел народот дека има мнозинство од 61 пратеник за изгласување недоверба на владата. Сметаат дека не се потребни предвремени избори.
„Сега не е време за избори, туку за одговорност, бидејќи сме соочени со многу предизвици, државата треба да покаже одговорност кон она што им е потребно на граѓаните, како живеачката, енергетската криза, ковид пандемијата, продолжување на европскиот пат“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Од владеачката партија тврдат дека има стабилно парламентарно мнозинство и дека се разговара за негово зголемување со пратеници кои се демократски ориентирани.
Ирина Гелевска
