Голем интерес за вакцинација против сезонски грип во Велес
Околу 180 велешани примија вакцина против сезонскиот грип во првиот ден од вакцинацијата. Голем интерес, сите термини пополнети. Од понеделник започнува аплицирање и на комерцијалната вакцина која чини 800 денари...

Со голем интерес започна вакцинација против сезонски грип во Велес, која се одвива во Центарот за јавно здравје. Пациенти доаѓаа преку „Мој термин“, но, сепак беше забележливо дека голем е бројот на велешани кои се решија да се вакцинираат. Првиот ден имаше термин за 180 лица.
Вакцината која се аплицира е од холандско производство, четиривалентна и штити од инфлуенца тип „А“ и од т.н. „Свински грип“. Поради големиот интерес вакциналниот пункт за сезонскиот грип, кој се наоѓа во зградата на „Хигиенски“ ќе работи и утре, сабота. Работното време е од 8 до 15 часот. Граѓаните кои се вакцинираат, беа повикани преку СМС порака, откако претходно се пријавиле на „Мој термин“. Сите граѓани кои се вакцинираа, претходно веќе се вакцинирале и од Ковид-19, некои дури и со трета доза.
Освен Велес, вакцина проти сезонски грип утрово беше дистрибуирана и во градовите кои ги покрива Центарот за јавно здравје од Велес, во Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Свети Николе. Количините кои се аплицираат се добивале дневно, во зависност од бројот на пријавени граѓани во „Мој термин“.
Од понеделник започнува и комерцијалната вакцинација, која ќе чини 800 денари, а ќе биде во сите градови од Повардарието.
Петар Печков
