Финализиран процесот за целосно воено интегрирање во НАТО
Во вторник ќе биде потпишана завршната декларација за целосна воена интеграција на Македонија во НАТО, а нашата армија е кредибилен партнер во Алијансата, вели министерката за одбрана Шекеринска. Средствата за одбраната секоја година се зголемуваат за 0,2 проценти и во 2024-та треба да достигнеме два насто од БДП, изјави Шекеринска...

Македонија ја надмина првата посериозна пречка како земја членка на НАТО. Финализиран процесот на целосното воено интегрирање на во Алијансата. Во вторник во Вила Водно заедничката декларација ќе ја парафираат началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на командата за трансформација, генерал Филип Лавин.
Процесот течеше со исклучително брзо темпо и покрај пандемијата со Ковид-19, велат од одбраната. Не отстапивме ниту педа од динамиката утврдена пред две и пол години, смета министерката Шекеринска, која посочува дека сега сме сојузник на кој што можат целосно да се потпрат. Донесени се осум закони во Собранието, еден меморандум и уште два проекти се во тек, иако не се неопходни за процесот. Забрзан е процесот и на добивањето безбедносни сертификати, а македонски офицери ќе го заземат и своето место во Алијансата.
Шекеринска на брифингот со медиумите потенцира дека темпото се зголемува. Не очекува утврдувањето на долгорочниот план за одбранбени способности. Од одбрана најавуваат дека секоја година за 0,2 процентни поени ќе се зголемува буџетот. Годинава е 1,57 а за 2022-ра се планирани 1,77 насто, со интенција до 2024-та да се достигне 2 проценти од БДП. Модернизацијата и опремувањето се во преден план.
Грижата за македонското небо сега е НАТО мисија, а не како што беше досега со билатералниот договор со Грција. Целта е во наредниот период да бидат вклучени уште неколку земји-членки, брифираат од одбрана. Покрај набавката на оклопни возила за опремување на Лесната пешадиска баталјонска борбена група и борбени возила „Страјкер“, се предвидува да се купат и хаубици 105 милиметри за артилеријата од Турција, а од Франција да се набави опрема за Противоздушната одбрана, со договор на принципот Влада-Влада.
Интенција е, како што најавуваат од Министерството, да се купат и хеликоптери, но тоа ќе биде направено во соработка со цивилните институции за да се усогласат потребите.
Милчо Велески
