Политика

Повици за оставки на лидерите

14.11.2021 13:07

Мицкоски да понесе одговорност и да поднесе оставказа лагите за наводното ново парламентарно мнозинство и денеска бараат Социјалдемократите. ВМРО-ДПМНЕ обвини - Заев ја киднапирал сопствената партија, вети оставка, но ја нема. Ќе се соочи со народот...

Социјалдемократите сѐ уште остануваат на ставот Мицкоски да им се извини на граѓаните и да поднесе оставка. Велат, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ја лажел јавноста дека има 61 пратеник за ново парламентарно мнозинство и за недоверба на Владата. Според нив, се потврди дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на евроинтегративниот пат, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи.

Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Зоран Заев и СДСМ се најголемите измамници во историјата на државата. Заев вети дека ако изгуби на локалните избори ќе си поднесе оставка, но сѐ уште ја нема, додаваат од опозицијата. Обвинуваат дека за да не му падне власта, Зоран Заев ја киднапирал неговата партија, но и пратеник од друга партија за да не влезе да гласа против неговата Влада.

Додека јавноста очекува расплет на политичката криза, по неуспешниот обид на опозиските партии да ја соборат владата на Заев, власта е убедена дека ќе го окрупни парламентарното мнозинство, а опозицијата инсистира на брзи предвремени парламентарни избори.

 

Игор Панов