Евроинтеграции

Кацарска: Кратко е времето до декември да се најде решение за проблемот со Бугарија

14.11.2021 13:20

Времето е кратко до декември за решение со Бугарија за остранување на блокадата за преговори, посочува аналитичарот Симонида Кацарска. Смета дека неизвесно е дали по изборите во Бугарија ќе се формира влада која и покрај настојувањата на ЕУ вклучувајќи го и францускиот претседател Макрон, би се согласила за почеток на преговори до крајот на годинава...

Политички во Бугарија, доколку претседателот Радев добие втор мандат  и се формира нова влада, теоретски се креира можност за која се говори во круговите во ЕУ коишто работат на решение за остранување на блокадата за почеток на преговори, смета аналитичарот Симонида Кацарска.

„Сѐ уште е неизвесно дали ќе се формира влада. Она што знаеме дека Герб би бил во водство, но очигледен е и тој дополнителен притисок кој се креира од дел од лидерството на ЕУ, вклучително и претседателот Макрон. Ова се тие нови фактори коишто ги гледаме во целокупниот развој на настаните. Дали тие ќе придонесат да се креира простор во којшто Бугарија ќе може да покаже дека нешто добива во овој процес е сѐ уште неизвесно“, смета Симонида Кацарска- директорка на Институтот за европска политика.

Во однос на писмата од францускиот претседател Макрон со кој се бара дипломатите да работат на конкретни датуми за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава, Кацарска смета дека Макрон сака да го отстрани ова прашање од својот двор пред преземањето на претседателството со ЕУ од 1-ви јануари.

„Несомнено е дека ситуацијата и кај нас и во Бугарија е многу комплексна. И дополнително треба да имаме на ум дека дури и да се случи тој прв чекор под некои одредени услови да се усвои преговарачката рамка и да се одреди датум за првата меѓувладина конференција, ова прашање ќе биде со нас во целокупниот процес. Значи ние ќе зависиме од однесувањето на било која влада во Бугарија, затоа е многу важно да утврдиме што ќе бидат оние почетни позиции и времето е несомнено многу кратко за да се случи некое такво поместување“, вели Кацарска.

Кацарска смета дека треба да се навикнеме дека процесот ќе трае 10-тина години и да определиме во кои области сакаме краткорочно да се приближуваме кон ЕУ.

 

Ирина Гелевска