Здравство

Голем интерес за вакцинација против сезонски грип во Куманово

14.11.2021 14:02

На три пункта во кумановскиот Центар за јавно здравје се спроведува вакцинацијата против сезонски грип. Најголем интерес има кај повозрасните граѓани, од ризичните групи. Дневно ќе се имунизираат до 200 лица...

Тече бесплатната вакцинација против сезонски грип во кумановскиот Центар за јавно здравје. На три пункта се спроведува имунизацијата на граѓаните кои се пријавиле на сајтот за вакцинација. Надлежните од Центарот за јавно здравје информираат дека интересот кај повозрасните кумановци е голем. Дневно ќе се вакцинираат по 200 лица. Предност имаат лицата со хронични заболувања.

„Центарот за јавно здравје ќе работи и во саботите на закажани термини, со тој интензитет ќе се продолжи и во текот на наредната недела. Самите граѓани можат да ја закажат вакцинацијата на сајтот вакцинација.мк, тоа се пред се оние граѓани со хронични заболувања, лица над 65 години со намален имунолошки систем, како и бремени, здравствени работници и деца на возраст до шест години“, нагласи Јадранка Стаменковска, епидемиолог Центар за јавно здравје Куманово.

Центарот за јавно здравје обезбеди и комерцијални вакцини по цена од 800 денари. За овие вакцини не е потребно да се закажува термин. Освен на пунктовите  предвидена е и теренска вакцинација во Домот за стари лица.

„Освен опишаните локални реакции, болка на местото на убод, може мало црвенило, блага болка, или евентуално лесно покачена температура, не очекуваме некои посериозни реакции од самата вакцинација“, истакна Стаменковска.

Од Центарот информираат дека во текот на денот имало и пациенти кои дошле да се имунизираат откако примиле вакцина против Ковид 19. Според упатствата велат може во ист ден да се имунизираат и двете вакцини, но центарот ќе практикува да има барем две седмици пауза помеѓу вакцините.

Елена Георгиевска