Од денес влез во објекти со примени две дози вакцина или со потврда за прележан Ковид-19
Од денеска во кафеана, шопинг, на настани и прослави само со примени две дози вакцини или со потврда за прележан Ковид-19. Угостителите сметаат дека мерката е уште еден удар врз нивниот бизнис...

Од денеска се засилуваат рестриктивните мерки. Во затворените објекти влезот ќе биде дозволен само за вакцинираните и оние кои го прележале вирусот. За д-р Злате Мехмедовиќ мерките се оправдани. Посочува дека не очекува да се зголеми интересот за вакцинација, но дециден е дека петтиот бран на Ковид- 19 веќе тропа на нашите врати. Нема притисок врз болниците, но вели состојбата може да излезе од контрола за само неколку дена. Имунизацијата, смета, е единствен одговор на пандемијата.
Министерството за здравство ги повика граѓаните кои сѐ уште не се вакцинирани, тоа да го направат во најблискиот пункт.
Министерството за здравство информира дека почнувајќи од 15-ти ноември 2021-ва година за влез во објекти, се дозволува со сертификат или потврда за извршена имунизација од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест Ковид-19 или сертификат/потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена.
Панедмијата затвори голем дел од угостителските објекти. Дел од нив работат со речиси 50 проценти загуба, велат од Независната угостителска комора. Од НУК посочуваат дека е потребна финансиска помош од државата. Бараат ПЦР тестот да биде дозволен и за влез во објектите од затворен тип.
Новата мерка беше донесена од страна на Владата на седницата одржана на 26-ти октомври.
Дијана Ценевска
