Соседство

„Продолжуваме со промената“ прогласи победа на парламентарните избори во Бугарија

15.11.2021 10:27

„Продолжуваме со промената“ прогласи победа на парламентарните избори во Бугарија, пред ГЕРБ на Бојко Борисов. Сепак, никој нема апсолутно мнозинство. Новиот претседател, Бугарија ќе го добие по вториот круг на 21 ноември. Актуелниот, Румен Радев со огромна предност пред противкандидатот Анастас Герџиков.

Новата антикорупциска партија во водство во однос на поранешната владејачка партија ГЕРБ изборите во Бугарија, трети по ред во последните осум месеци. Центристите од „Продолжуваме со промената“ прогласија победа.

Кирил Петков, копретседател на коалицијата важи за умерен политичар, за разлика од конзервативните Борисов, Каракачанов и Трифонов кога се работи по прашањето за Македонија.

Според Петков, треба да се формираат работни групи од двете земји, во кои, според него, треба да бидат вклучени не само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието.

„Крајно време е да сфатиме дека не е нормално да летам преку Виена за да стигнам до Скопје, дека не е нормално да немаме железничка линија која ќе не поврзува, дека не е нормално бугарските бизнисмени да продаваат во Австралија, а не во Македонија. Треба да почнеме да зборуваме за сите работи од кои може да имаме полза како добри соседи. Треба да ги направиме тие работни групи, тие да имаат јасни цели и да се среќаваат најмалку еднаш месечно. Ние треба да си ги заштитиме нашите национални интереси, тие треба да си ги заштитат нивните, но со заеднички услов, и двете страни да имаме полза од тоа“, изјави Кирил Петков, копретседател на „Продолжуваме со промената“.

Ниедна партија нема мнозинство така што ќе биде неопходно здружување на силите. На коалициската тројка од „Продолжуваме со промената“, предводена од двајцата поранешни министри Кирил Петков и Асен Василев, „Демократска Бугарија“ на Христо Иванов и „Има таков народ“ на Слави Трифонов, ќе ѝ треба четврти партнер. Петков и Василев се категорично против  преговори со ГЕРБ и Социјалистите за формирање ново парламентарно мнозинство.

„Многу е важно да се направи промена, имаме неколкукратно зголемување на цената на струјата, а Бугарија е рангирана на прво место во светот по бројот на смртни случаи од Ковид-19 во последните 14 дена“, изјави Бојко Борисов, поранешен премиер на Бугарија.

Новиот претседател, Бугарија ќе го добие по вториот круг на 21-ви ноември. Актуелниот, Румен Радев е со огромна предност пред неговиот противкандидат Анастас Герџиков. Кај Радев нема промена во однос на позициите и ветото кон Македонија. Смета дека Скопје треба, како што вели, повеќе внимание да посвети на правата на македонските Бугари.

„Честитки за сите партии кои влегуваат во новиот парламент. Главната задача им е да формираат влада. Таа влада мора да биде реформаторска, антикорупциска и социјална. Мора да се формира транспарентно и да има поддршка од јасното мнозинство“, изјави Радев.

Кирил Петков тврди дека ќе биде кандидат за премиер на Бугарија од името на коалицијата „Продолжуваме со промената“, а Асен Василев, кандидат за министер за финансии. Според него, Идната влада на Бугарија мора да има целосен мандат.

 

Маја С. Филдишев