Реакции по изборите во Бугарија

Можен пресврт во дијалогот со Софија

15.11.2021 12:19

Охрабрувачка е изјавата за нов пристап од Бугарија. Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред, вели Шекеринска. Шефот на македонската дипломатија Османи во Брисел се сретна со неговиот бугарски колега Светлан Стоев. Интензивирање на контактите и изнаоѓање решение е во интерес на двете страни, констатирале двајцата министри...

Бугарија се доведе во ситуација, блокирајќи нѐ нас и Албанија да се блокира и себе си, но новиот пристап во дијалогот со соседот ќе биде корисен и за двете страни, смета министерката за одбрана Радмила Шеќеринска. Таа, последните најави од официјална Софија, како и резултатот од изборите ги оцени како охрабрувачки за можен пресврт во дијалогот.

„Охрабрувачки е дека можната нова влада во Бугарија вели оти ни треба нов пристап. Ние ќе го имаме истиот дух на добрососедство, на отвореност и истата желба да најдеме решенија и да тргнеме напред. Ако има и пола од тој дух и на бугарска страна, како што гледаме деновиве, можно е да видиме и пресврт“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

Во Брисел средба Османи – Стоев. Двајцата министри за надворешени работи ја поздравиле подготвеноста за динамизирање на работата на експертската комисија за историски и образовни прашања со надеж дека во наредниот период ќе се постигнат резултати во интерес на двете страни.

„До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, нашите очекувања се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци, се со цел да се изнајдат најдобри решенија во интерес на постигнувањето на наредните исчекори во процесот на интеграција кон Европската унија“, напиша Османи на социјалната мрежа Фејсбук.

Тој во Брисел учестуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Југостична Европа во рамки на грчкото претседавање.

 

Анита Димитријевска Велковска