Евроинтеграции

Вархеји: Се надеваме на брз напредок меѓу Скопје и Софија

15.11.2021 12:29

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел ги разгледуваат анализите и некои предлози за тоа, како дополнително да се вклучи Унијата во Западен Балкан. Процесот на проширување не е експлицитно на дневен ред, но дебата сепак не се исклучува. Брисел очекува решение за спорот меѓу Скопје и Софија...

Мора да одиме напред со процесот на проширувањето, оти е најдобар инструмент за приближување на Западниот Балкан кон Европската Унија, изјави еврокомесарот за проширување на советот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ во Брисел. Порача дека Унијата е подготвена да почне прва меѓувладина конфренција со Северна Македонија и Албанија до крајот на годинава.

„По изборите во Бугарија и Северна Македонија се надеваме дека ќе видиме брз напредок. Од наша страна, сме подготвени да ја преземеме работата многу брзо и да го финализираме ова прашање со одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија до крајот на годината“, изјави Оливер Вархеји, еврокомесар за соседство и проширување.

Министрите за надворешни работи оценија дека годинава ЕУ треба да ги испорача ветувањата за почеток на преговорите со двете земји кои веќе беа двапати блокирани од Бугарија.

„За Романија е многу важно да ги почнеме пристапните преговори со Албанија и Република Северна Македонија колку што е можно побрзо“, рече Богдан Ауреску, министер за надворешни работи на Романија.

„Поддржуваме почеток на пристапните процеси на Албанија и Северна Македонија кон Европската Унија“, нагласи финскиот министер за надворешни, Пека Хависто.

Во Брисел одобрија брзо спроведување на економскиот инвестициски план за Западниот Балкан како втор инструмент по проширувањето за приближување на регионот кон Европската Унија.

 

Ирина Гелевска