Македонија

Новите ковид- мерки стапија на сила

15.11.2021 13:44

Од денеска во кафеана, на шопинг, на настани и на прослави само со сертификат за примени две дози вакцини. Од здравство најавуваат дополнителни рестрикции за невакцинираните. Угостителите сметаат дека мерката е уште еден удар врз нивниот бизнис. Во земјава целосно се вакцинирани 38 проценти од граѓаните. Во Европа, само Бугарија е зад нас со понизок процент...

Од денеска за влез во објекти или настани каде досега можеше да се влезе со една примена вакцина, потребно е да се приложи сертификат за примена втора доза на вакцина против Ковид-19, или пак сертификат за прележан Ковид, но не постар од 45 дена.

Граѓаните сметаат дека треба да се примат две дози, но според нив, надлежните треба да разјаснат, дали смеат да се примаат вакцини од различни производители.

Угостителите велат дека поминаа две тешки години за секторот, а дополнителен товар претставува тоа што граѓаните имаат отпор кон приложување на сертификатот при влез во објектите.

Министерот за здравство, Венко Филипче, апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките и да бидат одговорни и оние кои сѐ уште не се вакцинирани што побрзо да го направат тоа, бидејќи како што кажа, само со колективен имунитет може да го победиме вирусот.

Александра Спировска