Земјоделство

Временските услови поволни за есенската сеидба

16.11.2021 09:42

И оваа недела временските услови се идеални за есенската сеидба и за поникнување на житата. Температурите на воздухот ќе бидат над просечните за овој период од годината, а агрометеоролозите препорачуваат, земјоделците за работа на нивите максимално да го искористат топлото време и влагата во почвата која ја има доволно.

Суво време, без врнежи и натаму останува непроменето веќе подолг период во нашата земја што е добредојдено за земјоделците кога есенската сеидба е во полн ек.

Надпросечните температури на воздухот овозможуваат без проблеми поникнување на веќе посеаното, што навестува успешно навлегување во зимата  и презимување на вегетацијата во понапредните фази на развој. Последните мерења на влажноста во почвата покажуваат одлични резултати и дека влага има доволно во сите слоеви потребни за напредување на растенијата.

Сувото време овозможи и продолжување на жетвата на оризот, како најобемна земјоделска операција во Кочанскиот регион.

И во текот на оваа седмица се очекуваат исти или слични временски услови со повремени врнежи на почетокот што исто така е во корист на сеидбата.

Утринските температури ќе бидат позитивни поради облачноста, а дневните ќе бидат надпросечни за овој период од годината со вредности и до 15 степени. Препораката за земјоделците е добро да ги искористат и временските и почвените услови.

 

Методија Трајков