Собрание

Продолжува комисиската расправа за Предлог- буџетот

16.11.2021 10:11

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Предлог- буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци. Најавија интервенција на текстот со повеќе од 200 амандмани, меѓу кои пет против енергетската криза...

Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да ја продолжи  расправата за Предлог-буџетот за 2022 година. За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Предлог- буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци. Најавија интервенција на текстот со повеќе од 200 амандмани, меѓу кои пет против енергетската криза. Од владејачката СДСМ апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции.

Со предлог државната каса за идната година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.

Според роковите, Комисијата за финансирање и буџет може да расправа за буџетот 10 дена, пет дена за општа и пет за амандманска расправа. За пленарна расправа, според Деловникот, одредени се пет дена. Буџетот треба да биде донесен до крајот на годината.