„Фајнанс тинк“: Предлог-буџетот не ја демонстрира кохерентноста на плановите за фискална одржливост
Според анализата на институтот, Буџетот за 2022 година е дизајниран пред два клучни настана кои се случија минатата недела: прогласувањето и продлабочувањето на енергетската криза во земјава и нагорната корекција на Народната банка во поглед на инфлаторните движења во тековната и идната година.

Министерството за финансии го објави Предлог-буџетот за 2022 година, карактеризирајќи го како развоен. Првпат, Предлог-буџетот за 2022 година е ставен во среднорочна перспектива, во контекст на три клучни планови: План за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, План за јавни инвестиции и План за забрзан економски раст. Оттука, ваквиот тип планирање е значаен исчекор кон постигнување на поставените цели за повисок раст на среден рок и фискална консолидација. Сепак, Предлог-буџетот не ја демонстрира кохерентноста на овие три плана, во смисла на нивното финансирање во 2022 година и на среден рок и со квантитативно мерење на нивниот придонес кон постигнување на целите. Отсуството на ваква кохерентност, остава впечаток дека тоа се само планови во буквална смисла, со висок ризик од значајни отстапувања и задоцнувања при нивната реализација, оценува институтот „Фајнанс тинк“.
Според анализата на институтот, Буџетот за 2022 година е дизајниран пред два клучни настана кои се случија минатата недела: прогласувањето и продлабочувањето на енергетската криза во земјава и нагорната корекција на Народната банка во поглед на инфлаторните движења во тековната и идната година.
Вкупните неизвесности од продолжениот ефект од пандемијата, енергетската криза која ќе влијае врз потенцијалот за инвестиции од фирмите и за потрошувачка кај граѓаните, заедно со притисоците врз цените, ја прават оптимистичка проекцијата за реален раст на БДП од 4,6 отсто во 2022 година, вградена во креирањето на Буџетот. Неостварувањето на проектираната реална стапка на раст ќе го поткопа планираниот обем на даночни приходи, што како ризик е идентификуван во буџетскиот документ. Сепак, и во вакви околности, напорите за фискална консолидација и сведување на буџетскиот дефицит во разумни рамки се коректни, велат од „Фајнанс тинк“.
