Потпишана заедничката декларација со НАТО
Со потпишување на заедничката декларација во Вила Водно, официјално заокружен процесот на воено интегрирање на Mакедонија во командните структури на НАТО. Од Брисел потврда дека земјава е кредибилен сојузник, но и дека секогаш може да се потпре на поддршката од Алијансата...
.

Со потпишување на заедничката декларација во Вила Водно, официјално заокружен процесот на воено интегрирање на Mакедонија во командните структури на НАТО. Од Брисел потврда дека земјава е кредибилен сојузник, но и дека секогаш може да се потпре на поддршката од Алијансата.
Претседателот Пендаровски, порача дека за нас, патот до полноправно членство во НАТО не беше лесен, но дека со активирањето на НАТО поканата за членство, како држава добивме поголема меѓународна видливост и дипломатски потенцијал за реализација на стратешките политички и економски интереси.
Генералот Филип Лавињ, изрази честитики за брзото и успешно завршување на военото интегрирање на државата во Алијансата, нагласувајќи дека Северна Македонија може да смета на солидарноста и поддршката на НАТО сојузниците.
Министерката за одбрана Шекеринска, по повод потпишувањето на заедничката декларација, порача дека денеска сме на крајот на патот од илјада милји, започнат пред 30 години, но и дека започнуваме нов пат за целосна модернизација на Армијата.
На потпишувањето, генерал-потполковник Ѓурчиновски, нагласи дека денеска успешно завршува интегративниот процес што практично ја отсликува напорната тридецениска работа како држава и како Армија.
Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата на Република Северна Македонија во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Mинистерството за одбрана и Армијата.
