За два дена шестмина починати во ковид- центарот во Штип
Инфективното одделение во болницата во Штип се полни, се примаат само пациенти во тешка состојба, а оние кои се стабилни се лекуваат во домашни услови. Болницата е подготвена за повторно отворање на модуларната болница, но проблем е недостигот на кадар...

За два дена починаа шестмина пациенти во ковид центарот во Штип. Тројца се од Пробиштип и по еден од Кочани, Берово и Македонска Каменица, на возраст над 60 и 70 години. Пациентите доаѓаат во тешка состојба и во поодмината фаза на болеста и најголем дел од хоспитализираните се на кислородна поддршка.
Модуларната болница во Штип сега е празна откако сите пациенти се префрлени во реновираното инфективно одделение. Но, доколку има потреба, управата е подготвена повторно да ја активира модуларната болница.
Во последните два дена намален е бројот на нови ковид позитивни пациенти во Штип, а во центарот за вакцинација освен големиот интерес за трета доза, деновиве е изразен интересот за вакцинирање со прва доза.
Славица Величковска
