Велес

Започна и комерцијалната вакцинација против сезонски грип

16.11.2021 13:51

Во Центарот за јавно здравје во Велес започна комерцијалната вакцианција, откако претходно се вршеше и бесплатната, против сезонскиот грип. И за двете постои голем интерес. Освен од Велес, се вакцинираат и жителите на градовите од повардарието...

Од вчера во Центарот за јавно здравје- Велес, во тек е комерцијална вакцинација против сезонски грип, додека таа бесплатната започна во петокот. Освен Велес, вакцина против сезонски грип се аплицира и во градовите кои ги покрива оваа здравствена институција- во Кавадарци, Неготино, Гевгелија и Свети Николе. За двете постои голем интерес. Комерцијалната вакцина чини 800 денари.

Работното време на пунктот кој се наоѓа во објектот на „Хигиенски“ е од 8 до 15 часот. Граѓаните кои се вакцинираат со бесплатната вакцина, се повикани преку СМС порака, откако претходно се пријавиле на „Мој термин“. Доколку некое лице кое се пријавило за вакцинација, а не дојде во закажаниот термин, тоа може да го стори во наредните седум дена. Анкетираните граѓани кажаа дека претходно веќе се вакцинирале и од Ковид-19, некои дури и со трета доза.

Бесплатната вакцина е од холандско производство, комерцијалната од француско, и двете се четиривалентни против инфлуенца тип „А“. Количините кои се аплицираат се добиваат дневно, во зависност од бројот на пријавени граѓани во „Мој термин“.

 

Петар Печков