Македонија целосно воено интегрирана во НАТО
Со потпишување на заедничката декларација, официјално заокружен процесот на воено интегрирање на Македонија во командните структури на НАТО. Од Брисел потврда дека земјава е кредибилен сојузник, но и дека секогаш може да се потпре на поддршката од Алијансата...

Продуцирањето на нови спорови во регионот, покрај веќе постоечките состојби во Косово и во Босна и Херцеговина, не ни е потребно. Ако назадува Северна Македонија, ќе назадува целиот регион, а со тоа и Европа за сметка на другите глобални актери, изјави шефот на државата Пендаровски на потпишувањето на декларацијата за целосна интеграција на земјава во НАТО. Пендаровски оценува - државата одговорно пристапила кон исполнување на обврските и го прилагодила националниот одбранбено-безбедносен систем кон стандардите на Алијансата.
Потпишувањето на декларацијата го потврдува зајакнувањето на Северна Македонија како веродостојна и значајна членка на Алијансата која има волја да ги приспособи своите сили. Остануваме посветени во зачувувањето на стабилноста во светот.
Домашните авторитети сметаат дека брзата интеграција е показател дека земјава е сојузник на кој може да му се верува бидејќи гарантира рамноправен придонес во сите операции на НАТО.
Северна Mакедонија посветено работеше на процесите кои ја овозможија воената интеграција со што земјата гордо застанува рамо до рамо со нашите сојузници во НАТО, истакна премиерот Заев на средбата со генералот Лавињ.
Државата се обврза во фокусот да бидат модернизацијата и опремувањето на Армијата, а буџетот за одбраната секоја година да се зголемува за 0,2 насто и до 2024 година да изнесува 2 проценти од БДП.
Анита Димитријевска Велковска
