Политика

Реакции за формирање парламентарно мнозинство

16.11.2021 14:26

Вон очите на јавноста, комбинаторики за парламентарно мнозинство. СДСМ најавува зголемување на мнозинството. ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев. Касами не ги коментира актуелните политички случувања. Алтернатива се координира за поканата на Заев за средба со Гаши...

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, најавува дека наскоро ќе има трета влада предводена од Зоран Заев, која ќе претрпи одредени кадровски промени, со можна промена на шест до седум министерски места.

„Сметам дека Заев ќе остане на неговата лична одлука за повлекување. Треба да има реконструкцијата на владата, без оглед дали ќе влезе нова партија или ќе остане истото мнозинство, сметам дека треба да има одредени промени на кадрите“, изјави Битиќи, кој е и потпретседател на СДСМ, во изјава за „Утрински брифинг“.

Од владејачката СДСМ велат дека очекуваат на нивната коалиција да ѝ се приклучат сите партии коишто ги делат вредностите за евроинтеграции и за реформи во економскиот и политички систем.

Во опозициската ВМРО-ДПНМЕ остануваат на ставот дека премиерот Заев мора да си поднесе оставка како ветил, зашто доколку остане оваа власт само ќе се продлабочи економската, политичката и здравствената криза. Од партијата се убедени  дека на владејачката партија нема да ѝ се приклучи ниту една опозициска партија.

Во Алтернатива велат дека ја добиле официјалната покана од премиерот Заев за средба со нивниот лидер Африм Гаши, но одлука дали ќе влезат во Владата ќе носат на Централното претседателство во вторник идната недела, ни изјави портпаролот на партијата, Орхан Муртезани. Лидерот на Беса, Касами не сакаше да ја коментира можноста Алтернатива да преговара со Заев за учество во извршната власт.  

И од Алијанса на Албанците сметаат дека не е моментот да го искажуваат ставот за ново парламентарно мнозинството , затоа што сега во фокусот им е борбата за правна држава.

По неуспешниот обид на опозицијата да обезбеди потребно мнозинство за уривање на Владата на Заев, од ВМРО-ДПМНЕ инсистираат на брзи парламентарни избори како единствен излез од кризата. СДСМ пак очекува да им се приклучат сите прогресивни и демократски партии кои ќе состават стабилно мзинство за сигурен пат кон евроинтегративниот процес.   

 

Игор Панов