Македонија

Куманово: Стабилна состојбата со Ковид-19 во училиштата

16.11.2021 14:45

Од почетокот на учебната година во кумановските училишта се евидентирани речиси 180 заболени ученици и 30-ина вработени. Секторот за образование при оваа општина, со став состојбата е стабилна. Вирусот не се шири во училиштата, туку учениците имале инфицирани во семејствата. Во изолација во моментов се пет групи. Куманово е меѓу четирите градови со најголем број заразени.

Стабилна е состојбата со Ковид-19 во кумановските училишта. Од секторот за образование при општина Куманово информираат дека вирусот засега не се шири во училиштата, туку учениците имале заболени во семејствата. Во текот на вчерашниот ден биле регистирани само двајца ученици позитивни на вирусот, а по одлука на епидемиолозите од Центарот за јавно здравје во изолација се пет групи, од ист толкав број одделенија. Од почетокот на учебната година, која започна со физичка настава, во Куманово се евидентирани 179 позитивни ученици, како и 28 вработени.

„Конечно проработи колективниот разум, свеста кај родителите, вработените откако почувствуваат симптоми се повлекуваат, пријавуваат дека се тестирани, чекаат тестови за ковид 19, од тој аспект сме задоволни, учениците продолжуваат на онлајн настава не губат од наставниот процес и засега сме задоволни како се реализира наставата“, изјави Александар Јовановиќ, раководител Сектор за образование Куманово.

Заболените ученици од Куманово се од различни училишта од централното подрачје. Во руралните подрачја засега нема регистирани. Секторот за образование оценува дека училиштата работат согласно здравствените протоколи.

„Во игра се три сценарија доколку енормно  се зголеми бројот на вработени или ученици во одредени училишта, може тоа училиште да помине на комбинирана или на целосно онлајн настава, може и целата општина доколку се појави ширење на Ковид- 19, но најдобро за учениците, наставници е наставата да се одвива со физичко присуство“, дополни Јовановиќ.

На ниво на општина Куманово годинава се запишани 14.800 ученици, а вкупно вработени се 1.700 лица. Функционираат 21 училиште, од кои пет се средни и 16 основни.

Куманово сѐ уште е меѓу четирите градови со најголем број заболени од Ковид- 19, иако бројката деновиве опаѓа. Во моментов активни се над 300 случаи.

 

Елена Георгиевска