Ковид-19

Ќе се разгледуваат нови ограничувања за невакцинираните

17.11.2021 09:11

Комисијата за заразни болести денеска ќе има состанок на кој се очекува да бидат предложени нови рестрикции за невакцинираните граѓани, затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците, најави министерот за здравство Венко Филипче...

Комисијата за заразни болести денеска ќе има состанок на кој се очекува да бидат предложени нови рестрикции за невакцинираните граѓани, затоа што тие најмногу ги оптоваруваат болниците. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека конкретни предлози од состанокот ќе бидат доставени до Владата.

Болничкиот систем сега најмногу го оптоваруваат невакцинираните пациенти. Тоа дефинитивно не смееме да го толерираме понатаму. Доаѓа зимска сезона и време на настинки и други пациенти ќе го оптоваруваат дополнително болничкиот систем. Во услови кога има доволно вакцини, апсолутно не е дозволиво граѓаните да не се вакцинираат. Со вакцинирањето не само што водат сметка за своето здравје, туку и за здравствениот систем. Ние не можеме бесконечно долго да оставиме вака да биде преоптоварен здравствениот систем, изјави Филипче во ТВ-гостување, додавајќи дека во изминатите денови со Комисијата разговарале за тоа какви мерки се воведени во земјите од регионот и во некои држави во Европа.

Во вчерашната статистика за поминати 24 часа, беа регистрирани 524 нови позитивни на коронавирус од 3.126 тестирања, 565 оздравени и девет починати пациенти. Дополнително, согласно Регистарот на умрени лица со дијагноза Ковид-19 од Мој термин, пријавени беа и осум починати лица со датум на смрт од 24 октомври до 13 ноември.

Во државава има 8.271 активни ковид-случаи, од кои 3.775 се во Скопје. Зад главниот град е Битола со 630, трицифрени бројки имаат уште 12 општини, а четири од нив се со над 300 активни: Прилеп (419), Велес (350), Кавадарци (344) и Куманово (323).

Министерството за здравство соопшти дека заклучно со 15 ноември вакцинирани се 815.523 граѓани, ревакцинирани се 785.916, а трета доза примиле 56.349. Ревакцинирани над 40-годишна возраст се 57 отсто, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.

Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 58 отсто, а со две дози опфатени се 47 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во нашата земја е вакцинирана, а 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина, информираше Министерството.