Птичјиот грип се шири во Европа

17.11.2021 09:39

Франција и Холандија го вклучија алармот за болеста по појавата на заразена живина во неколку региони. Вирусот е регистриран и во Норвешка, Белгија, Англија и во Полска. Неговото присуство е потврдено и во Германија, Италија и Данска. Ветеринарите препорачуваат и кај нас живинарите да ги заштитат фармите. Со есенскиот прелет на дивите птици кон југ се зголемува опасноста од ширењето на оваа болест која е зооноза и која првенствено ги напаѓа птиците, но не е исклучена и можноста за зараза и заболување кај луѓето...

Франција ја стави целата земја во состојба на готовност по појавата на  птичјиот грип, бидејќи вирусот се шири низ стариот континент, соопшти тамошното Министерството за земјоделство. Од почетокот на август досега, се откриени  повеќе од 700.000 случаи на заразени диви или на домашни птици на фарми овие и други земји во Европа. Болеста птичји грип ја има во Западна Русија и Казахстан, од каде птиците преселници, прелетуваат до местата за презимување, во некои делови преку Европскиот континент и нашава земја.

На живината и другите птици, ветеринарите порачуваат, да им се ограничи  движењето надвор од живеалиштата, а одгледувачите треба да внимававаат и да превземат мерки да се спречи евентуален контакт со дивите птици и да не се привлече нивното внимание со давање вода и храна на живината во дворовите.

Промената во здравствената состојба на живината или зголемената смртност задожително треба да се пријави кај ветеринарните власти. Забрането е хранење на живината и другите домашни животни, првенствено кучиња и мачки со остатоци од диви птици бидејќи секој од нив е потенцијален извор на зараза.

Птичјиот грип е зооноза и од неа, првенствено заболуваат птиците, но, можно е да заболат и луѓето.

Методија Трајков