Расте бројот на заболени од морбили во Скопје

31.03.2014 12:59

Надлежните апелираат да не се бојкотира вакцинацијата затоа што тоа е едниствен и најдобар начин за индивидуална и колективна заштита на населението...

Во Скопје за 5 дена бројот на заболени од мали сипаници се зголеми од 25 на 43. Ако првично беа меѓусебно поврзани, сега има и изолирани случаи. Има и деца и возрасни до 50 години. Повеќето од заболените  биле невакцинирани, или вакцинирани само со една доза. 9 од заболените во моментоов се лекуваат на Инфективната клиника,од кои еден случај е нов донесен во текот на изминатиот викенд. Се врши вонредна вакцинација на сите блиски во семејставата на заболените. 
 
Надлежните апелираат да не се бојкотира вакцинацијата затоа што тоа е едниствен и најдобар начин за индивидуална и колективна заштита  на населението. 
 
Оваа епидемија е пример за тоа како може да се вратат речиси искоренети болести. Последниве месеци по социјалните мрежи се јавува движење на родители кои се против вакцинација на децата. Не ги вакцинираат и тврдат дека вакцинацијата има штетни последици. Неодамна група родители преку Стамен Филипов поднесе иницијатва за оспорување на задолжителноста на вакцинацијата пред Уставниот суд. Министерот за здравство Никола Тодоров токму оваа епидемија ја посочи како пример зошто мора да има задолжителна имунизација.
 
Морбилите се сипаници кои можат да предизвикаат бронхитис, пневмонија и други компликации на белите дробови. Ризични се и за бремените жени. Една трудница од Скопје го изгуби плодот откако заболе од мали сипаници. Се јавуваат со слични симптоми на грип, а инкубацијата е околу две недели. Најзаразни  и преносливи се 5 дена пред да се појават  и 5 дена по исчезнување на симптомите.
 
Соња Стојановска