САД и ЕУ загрижени за случувањата во Босна и Херцеговина
По најавите на Додик дека ќе ја осамостои Република Српска од заедничките институции, Вашингтон со порака дека серизно може да се наруши Дејтонскиот мировен договор. Брисел апелира, час поскоро да се реши кризата која влијае на целиот регион...

26 години по потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор, Босна и Херцеговина е на тест за одржување на мирот и на стабилноста во земјата и во регионот. Поделбите во земјата и заканите на Додик дека ќе ја осамостои Република Српска од заедничките институции ги загрижи САД. По средбата со советникот на Стејт Департментот, од претседателството на БиХ велат - ќе се обидат да ја надминат кризата.
„САД го поддржуваат суверенитетот, територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и нашиот евроатлантски пат. Добивме писмо од американскиот државен секретар Блинкен. Америка останува посветена на Босна и Херцеговина и ќе продолжиме да работиме со нашите пријатели за да ја надминеме кризата“, изјави Шефик Џаферовиќ- член на претседателството на БиХ.
Според Стејт Департментот, изјавите за повлекување од вооружените сили и судските тела создаваат тензија во федерацијата и во регионот. Американскиот државен секретар Блинкен до членовите на претседателството на БиХ упатил писмена закана дека секое еднострано напуштање на институциите ќе биде санкционирано.
„Република Српска нема план за отцепување, иако сакаат да ни припишат дека тоа се случува. За тоа се зборува во Република Српска, и во целиот регион. Но, нема конкретен план да се води политика на отцепување“, изјави Милорад Додик, член на претседателството на БиХ.
И во Брисел загриженост за состојбата во Босна и Херцеговина. Според шефот за надворешна политика на ЕУ, наместо Сараево да ја искористи неизборната година за унапредување на важни реформи - некои политички лидери се решиле за опструкција и поделби.
„Лидерите треба да го обноват дијалогот, да се вратат во државната институција во полн капацитет и да почнат да работат на клучните реформи“, рече Жозеп Борел- висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност.
Освен со политичка криза, Босна и Херцеговина се соочува и со мигрантска криза и масовно иселување на младите од земјата. Според експертите, трите столба на кои се темели мирот во земјата, поделбата на власта, обид за заштита на правата на сите граѓани и јакнење на институците се ставени на испит.
Маријана Димовска
