Европа

Не стивнува мигранската криза на Полско- белоруската граница

17.11.2021 13:23

Варшава обвинува дека белоруската полиција учествувала во организирање на нападите на мигрантите. Тврдат дека тие со себе имале шок бомби и солзавци. Брисел со повик до Mинск за деескалирање на состојбата на границата.

Се продлабочува кризата на Белоруско- полската граница. Шефот на полската полиција смета дека во планирањето и нападот на мигрантите на границата активно учествувале полицајци од белоруските служби. Како доказ го посочи фактот дека мигрантите употребувале шок гранати и солзавци.

„Вчерашните настани беа опасни. Употребени биле големи камења, шишиња, стапови, метални шипки, како и експлозивни направи и солзавци. Како резултат на тие инциденти биле повредени девет полицајци, двајца граничари и еден војник“, изјави Мариуш Циарка, портпарол на генералниот штаб на полската полиција.

Според полицијата многу од напаѓачите носеле маски, што ја оневозможува нивната идентификација. Полското обвинителство покренало истрага за нападот на границата. Но мигранитите, претежно по потекло од Ирак и од Сирија се упорни во намерата да влезат во Европската унија.

„Немаме живот тука. Пет ноќи не спијам.“

„Можеби луѓето ќе се вратат воИирак бидејќи има многу проблеми на границата со Полска“- велат дел од мигрантите.

Советот на Европа го повика официјален Минск да ја го намали притисокот врз границата со Полска и да овозможи „целосен пристап“ до хуманитарните групи и медиумите. Западот ја обвинува Белорусија дека ги привлекува мигрантите на границите со лажни ветувања за лесен пристап до Европската унија.

Според податоците на Фронтекс, во првите 10 месеци од 2020 година на територијата на ЕУ упаднале околу 135.000 мигранти.

Откако германската канцеларка во заминување Меркел не успеа во намерата рускиот претседател Путин да влијае врз белорускиот режим, таа разговараше и со претседателот на Белорусија, Лукашенко кој веќе оцени дека за ваквата состојба се виновни западноевропските земји поради војните во нивните матични земји.

Марина Ристова