Бектеши: Од декември ќе се зголеми домашното производство на струја
Сите средства од буџетот наменети за поддршка на енергетските компании ќе бидат префрлени на сметката на ЕСМ, која треба да ги плати сметките за набавка на струја кон МЕПСО. Министерот за економија Бектеши најави дека од 1-ви декември ќе се вклучи во системот и ТЕЦ Осломеј за што веќе е обезбеден јаглен, додека ТЕЦ Неготино ќе се активира по пат на јавно приватно партнерство...

Сите средства од буџетот, 65 милиони евра наменети за поддршка на енергетските компании се префрлени на сметката на ЕСМ, која треба да ги плати сметките за набавка на струја кон МЕПСО. Министерот за економија најави од почетокот на декември зголемување на домашното производство со вклучување на сите расположливи капацитети во термоцентралите.
„Од 1-ви декември ќе се вклучи во системот и ТЕЦ Осломеј за што веќе е обезбеден јаглен, додека ТЕЦ Неготино ќе се активира по пат на јавно- приватно партнерство за набавка на мазут со фирми преку Стопанската комора“, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во државната ЕСМ се прават анализите што се чекаат од Владата за да се донесе одлука за цената на струјата со која компанијата до крајот на годината ќе се јави на идниот тендер на ЕВН Хоум за обезбедување струја за домаќинствата и за малите бизниси.
„Ние имаме право до крајот на годината со одлука на Владата да го задолжиме ЕСМ да понуди 60-70-80-90 или пак 100% од потребите на Универзалниот снабдувач, во овој случај ЕВН Хоум, кој ги снабдува домаќинствата и малите потрошувачи“, изјави Бектеши.
Ќе има сигурно уште тендери од ЕВН Хоум до крајот на годината, пред формирање на цената од страна на Регулаторна комисија за енергетика за наредните шест месеци и таа одлука ќе ја донесе Владата, појасни Бектеши. Министерот најави дека се добиени планови за производство од раководителите на подружниците на ЕСМ и доколку не се реализираат до крајот на годината од нив ќе се бара одговорност.
Засега Комисијата за следење на електроенергетската кризна состојба нема предложено нови мерки, освен трансферот на буџетски средства кон ЕСМ и МЕПСО, изјави Бектеши.
Свето Николовски
