Зголемен број на болни деца во Куманово
Значително е зголемен бројот на болни и хоспитализирани деца на детскиот оддел во кумановската болница. Дневната амбуланта ја посетуваат дури до 120 дечиња од предучилишта и училишна возраст. Симптомите варираат од блага настинка, до воспаление на белите дробови. Здравствените работници со апел периодов децата да се чуваат дома.

Зголемен е бројот на болни и хоспитализирани деца на детскиот оддел во кумановската болница. Надлежните информираат дека периодов има наплив и на возрасни со респираторни заболувања, но значителен е порастот на заболени деца од предучилишта и училишна возраст. Хоспитализирани во просек се околу 15-ина пациенти, а дневната амбуланта ја посетуваат и до 120 дечиња. Симптомите варираат од блага настинка, па се до воспаление на белите дробови.
„Овој период немаме нешто многу со Ковид-19, најчесто се со респираторни, вирусни пневмонии, долно репираторни, што треба да примаат инфузиона терапија повеќе денови со кашлица, покачена телесна температура. Лани во екот на пандемијата немавме толку заболени деца заради тоа што не одеа на училиште, во градинка, наставата беше онлајн“, вели д-р Ферихан Бајрами, началник на детски оддел Општа болница Куманово.
Здравствените работници советуваат родителите откако ќе забележат симптоми кај своите деца, веднаш да се јават на матичен лекар, навреме да почнат со терапија, за да не се влоши здравствената состојба.
„Со доаѓање на постудено време сите се затвораме дома, помалку престојуваме на отворен простор, помалку се диши чист воздух, се собираат и болни и здрави. Би препорачале да се внимава на меѓусебната комуникација, барем оние што знаат дека имаат болно дете во семејството или болен член, дали е возрасен, да се изолираат да не се мешаат меѓу себе со што полесно ќе ја надминеме оваа состојба“, дополни д-р Снежана Захариева, директор на Општа болница Куманово.
Кумановските лекари апелираат и родителите кои имаат можност, периодов децата да ги чуваат дома, за да се спречи поголемо ширење на сезонскиот грип.
Елена Георгиевска
