Нови предлог- мерки за невакцинираните во администрацијата и здравствените работници
Задолжителна вакцинација за здравствените работници, за вработените во јавниот сектор и во локалната самоуправа задолжително најмалку една вакцина или ПЦР тест за влез на работа. Комисијата за заразни болести препорача нови ковид- мерки. Бараат од МВР да го ажурираат системот за контрола и да користат електронски алатки за да ги спречат лажните сертификати.

За да одат на работа, ќе мора да приложат дека примиле барем една доза вакцина или потврда за прележан ковид не постара од 45 дена. Ова се новите мерки кои Комисијата за заразни болести ќе ги препорача до Владата, а кои ги опфаќаат здравствените работници, како и вработените во јавниот сектор, локалната самоуправа и админситрацијата.
Министерот за здравство Филипче објави дека оние што ќе одбијат да се вакцинираат, ќе треба да приложат негативен ПЦР тест на постар од 72 часа, обезбеден на сопствен трошок, додека за здравствените работници вакцинацијата ќе биде задолжителна.
„Предложените мерки да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, за да граѓаните имаат време да се вакцинираат и 30 дена за оние здравствени работници коишто во овој момент се сѐ уште невакцинирани. Бараме да се ажурура процесот за спроведување на контрола на здравствените сертификати, користејќи ги електорнските алатки на европските сертификати преку апликација којашто го прикажува вистинскиот QR код и ја контролира неговата валидност. Ова е мерка со којашто очекуваме значајно да се зголеми опфатот со вакцинацијата“, изјави министерот Филипче.
Македонската телевизија се обиде да дознае - каква е состојбата при влез во јавните институции.
„Не никој ништо не ми побара за влез“, вели еден граѓанин.
„Не, не бараат сертификат, влегуваме, излегуваме... слободна нација“, додава друг граѓанин.
Проблемот околу злоупотребите и фалисификатите на сертификатите за влез во ресторани и спортски и културни настани е регистиран и ќе биде разгледан на седница на кризниот шатаб, информира ресорниот министер.
Марија Котовска
