Конституиран Советот на Град Скопје, Трајко Славески избран за претседател
На првата конститутивна седница, верификувани мандатите на 45 членови. Со свечената изјава некои советници со Република Македонија, други со Република Северна Македонија, се обврзаа дека во наредните четири години ќе работат во интерес на градот и на земјава...

Формиран Советот на Град Скопје. На првата конститутивна седница, верификувани мандатите на 45 членови. Со свечената изјава некои советници со Република Македонија, други со Република Северна Македонија, се обврзаа дека во наредните четири години ќе работат во интерес на градот и на земјава.
Со 26 гласа за претседател на Советот е избран Трајко Славески. Тој ги доби гласовите од Левица, ВМРО- ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и коалицијата ДОМ-ЛДП. Советниците со различни очекувања. Некои ќе делуваат независно, некои како коректори на градоначалникот, но сите ќе се залагаат да се исполни ветеното од партиските програми.
Претседателот на советот Славески, очекува новите советници да ја поддржат работата на градоначалничката Арсовска. Најави дека ќе соработува со сите без разлика од која опција доаѓаат и побара да не се водат од партискиот интерес. Според него, пред Советот стои тешка задача, бидејќи дел од институциите што се под ингеренции на градот се соочуваат со проблеми.
Успешна работа на новите членови на Совететот им посака и градоначалничката Арсовска.
Во советот членуваат 18 советници од ВМРО- ДПМНЕ, 12 од СДСМ, ДУИ има пет, Левица четири, а по две советнички места имаат Алијанса за Албанците/Алтернатива, коалицијата ЛДП-ДОМ и независните од „Зелен хуман град“.
Викторија Милевска
