Енергетика

Велес ќе плаќа повисоки сметки за улично осветлување, снабдувачот еднострано го раскинал договорот

18.11.2021 10:35

Општина Велес за последните три месеци од годинава ќе плаќа три пати повисоки сметки за улично осветлување, откако досегашниот снабдувач еднострано го раскинал договорот. Затоа итно беа префрлени 10 милиони денари од ставката за инфраструктура...

Сметките за електрична енергија за улично осветлување во Општина Велес, за трите последни месеци од годинава ќе бидат за три пати повисоки од досегашните. Ова доаѓа откако „У-пауер“ досегашниот снабдувач на електрична енергија на градот, на 1-ви октомври се откажал од договорот. Ова беше објавено на 3-тата седница на Советот, на која како итна точка беше поставена таа за префрлање на средства од Буџетот од една во друга ставка, за да се обезбедат пари, за да се платат неколку пати зголемените сметки.

Градоначалникот Колев беше конкретен, со префрлањето на овие 10 милиони денари, изгубена е реконструкција на еден булевар или поголем инфраструктурен проект во градот, планирани за до крајот на годината. Веќе била поднесена тужба до надлежниот суд.

Во случајот активирана била банкарска гаранција, која изнесува 500 илјади денари и е симболична, во однос на штетата од 10 милиони денари, која ја претрпе општинскиот Буџет. Средствата биле веќе префрлени.

 

Петар Печков