Политика

Мицкоски: ЕУ да се спротивстави на бугарските уцени, Македонија заслужува датум

18.11.2021 12:39

ЕУ треба да се спротивстави на бугарските уцени и Македонија да добие датум за преговори во декември, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. И натаму инсистира на брзи предвремени парламентарни избори. Од СДСМ велат дека се во преговори за проширување на мнозинството...

Македонскиот народ заслужува почеток на преговорите со Европската унија, а Брисел треба да заборави на уцените од источниот сосед чии барања не се европски вредности, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Го реафирмираше барањето за итни предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека тие не се поврзани со евентуалниот датум за почеток на преговорите со Унијата. На народот му е преку глава од порази, треба да излеземе на терен и да ја градиме Македонија, истакна Мицкоски.

СДСМ не ја разгледува опцијата за предвремени избори. Од таму најавуваат зголемување на парламентарното мнозинство и реконструкција на Владата.

И додека од ДУИ велат – им веруваме и задоволни сме од нашите министри кои не треба да бидат опфатени со владината реконструкција, од Алтернатива за вторник ја најавија одлуката дали ќе останат во опозицискиот блок.

Марија Котовска