Линхарт: Се надеваме на почеток на преговорите во декември
Австрија се заложува за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија во декември. Европа не е целосна без интеграција на Западен Балкан, оној што го исклучува регионот ја ослабнува Европа, порача шефот на австриската дипломатија Линхарт. Османи од новата бугарска влада очекува конструктивност и отстранување на блокадата...

Австрија се заложува за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во декември, порача министерот за надворешни Линхарт по средбата со неговиот домаќин Османи, што е во рамките на турнејата низ регионот. Категоричен е дека Европа не е целосна без интеграција на Западниот Балкан, а оној што го исклучува регионот ја ослабнува Европа.
Не се работи само дали Северна Македонија ќе почне преговори по декемвриот европски совет, туку во прашање е и кредибилтетот на ЕУ да ја спроведе сопствената одлука од март 2020-та, смета шефот на дипломатијата Османи. Посочи дека од новата бугарска влада очекува конструктивност и интензивирање на разговорите за изнаоѓање решение за остранување на блокадата. Сепак без прецизен одговор дали тоа ќе се случи во декември или еден месец подоцна, оти потребно е време за формирање на бугарската влада.
Посетата на шефот на австриската дипломатија еден месец по неговото назначување, преходната на холандскиот премиер и престојната на полскиот претседател, се дел од напорите за поместување на евроинтеграцискиот процес до крајот на годинава.
Ирина Гелевска
