Мигрантска криза

Дел од мигрантите на белоруско- полската граница се враќаат во Ирак

18.11.2021 13:14

Дел од мигрантите на белоруско-полското граница се враќаат во татковината. Ирак ги повика назад своите државјани, а првиот лет е резервиран уште денеска. Во меѓувреме, полицијата во Полска уапси стотина кои се обидоа незаконски да преминат од Белорусија...

Десетици ирачки мигранти се враќаат во татковината откако минаа долг период на границата меѓу Полска и Белорусија. Уште денеска заминува првата група која доброволно се откажува од сонот за западна Европа откако ескалираше политичката криза меѓу Варшава и Минск. Додека го чекаат својот ред за лет до Багдад, многумина престојуваат во засолниште обезбедено од белоруските власти.

Овде е добро. Во шумата е престудено“, вели еден мигрант.

Најмногу се жалат на промена во крвниот приситок, вртоглавица, хипотермија, проблеми со ендокриниот систем. Имаме и пациенти со дијабет“, изјави Лариса Кучук, лекар.

И покрај понудата од Ирак за репатријација, илјадници и натаму остануваат на европско тло. Полските безбедносни сили уапсија околу 100 мигранти кои се обиделе да прејдат на нивна територија од Белорусија кај селото Дубиче Черкевне.

Карваните од Блискиот исток се заглавени на границата од 8-ми ноември. Во неколку случаи дојде и до судир со полицијата при што имаше и повредени. Варшава тврди дека нема опасност од воена закана. Западните земји и натаму го обвинуваат Минск за нивно организирање со цел да се одмазди за санкциите коишто Брисел ги воведе за владата на Лукашенко. Белорусија и натаму ги отфрла обвинувањата.

Минск во вербална војна и со Литванија. Во јавноста се појави видеоснимка од инцидент на нивната граница на која се гледа како војници со кучиња гонат мигранти. Според Белорусија, војниците биле од Литванија, којашто, пак ја префрла топката кон Минск за овој инцидент.

 

Маја С. Филдишев