Од утре 222 компании на слободен пазар ќе купуваат струја

31.03.2014 13:48

Утре официјално стапува на сила втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија...

222 македонски компании со повеќе од 50 вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра, од утре своите потреби за електрична енергија ќе ги задоволуваат на слободниот пазар. Со ова официјално стапува на сила втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија која првично требаше да се случи во декември 2012 година, за потоа да биде одложена за јуни 2013 година. 
 
Согласно Акцискиот план за либерализација на пазарот на електрична енергија во Република Македонија, претпријатијата кои имаат повеќе од педесет вработени и вкупен годишен приход поголем од 10 милиони евра од утре можат самостојно да учествуваат на пазарот на електрична енергија. Тие беа должни да се регистрираат како учесници на пазарот на електрична енергија согласно Правилата за пазар на електрична енергија и да склучат договор со снабдувач со електрична енергија или трговец со електрична енергија за наредната година најдоцна 30 дена пред денот на стекнувањето на својството квалификуван потрошувач.
 
Фирмите очекуваат дека со либерализацијата на пазарот ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Поевтинувањето, според нивните очекувања, може да биде и до 25 проценти. Над 115 од квалификуваните потрошувачи веќе склучиле договор за снабдување со електрична енергија со ЕВН Снабдување, а останатите компании со ЕДС (Energy Delivery Solutions).