Политика

ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори, СДСМ најавува зголемување на мнозинството

18.11.2021 14:23

Барањето за предвремени парламентарни избори и датумот за преговори со ЕУ не се поврзани, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Од СДСМ тврдат- мнозинството ќе се зголеми. Утре средба Заев- Гаши. И шефот на дипломатијата Бујар Османи информира дека се преговара за ново стабилно мнозинство...

Македонскиот народ заслужува почеток на преговорите со Европската унија, а Брисел треба да заборави на уцените од источниот сосед чии барања не се европски вредности, изјави лидерот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Го реафирмираше барањето за итни предвремени парламентарни избори, нагласувајќи дека тие не се поврзани со евентуалниот датум за почеток на преговорите со Унијата.

„Ако нема почеток на преговорите ќе има разочарување на народот. Јас не сакам повеќе да го разочаруваме народот. Прашањето не е поврзано со изборите, изборите треба час поскоро да се случат, уште утре, бидејќи народот ја делегитимираше оваа влада на СДСМ и Зоран Заев“, нагласи Мицкоски.

СДСМ не ја разгледува опцијата за предвремени избори. Од таму најавуваат зголемување на парламентарното мнозинство и реконструкција на владата.

„СДСМ е постојано во комуникација со сите партии и пратеници кои го поддржуваат патот кон ЕУ и членството во НАТО. Секако парламентарното мнозинство ќе расте, ќе има средби и во следните денови“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

И шефот на дипломатијата Бујар Османи информираше се преговара за ново стабилно мнозинство.

„Новото стабилно мнозинство е апсолутно неспорно и тоа ќе се случи наредните недели. Патот до тоа ново мнозинство е алтернативи, има неколку опции до тоа ново мнозинство и во моментот се случуваат тие разговори и преговори за постигнување на тоа мнозинство“, рече Османи.

Утре на средба премиерот и лидер на СДСМ, Заев и првиот човек на алтернатива Гаши. Ќе се разговара за можноста опозициската партија да биде дел од новото парламентарно мнозинство.

 

Марија Котовска