Култура

Фестивалот на музика од светот викендов во Битола

18.11.2021 15:00

По 13-ти пат викендов Битола е домаќин на Фестивалот на музика од светот. Единствениот фестивал во нашата држава што ја слави музиката која влегува во категоријата „world music“, или традиционална музика која припаѓа на светското културно наследство...

Викендов во Битола ќе одекнуваат звуците на традиционалната музика на светот која припаѓа на светското културно наследство. Во рамките на најновата фестивалска музичка мисија, од танго преку џез до етно звуците од Балканот и македонските шлагери, како и вклучување на електронска музика во неофицијалната програма. Три богати фестивалски вечери во кои сепак, фокусот е свртен кон саботниот концерт на еминентната гостинка од Србија, Биља Крстиќ, со Битолскиот камерен оркестар. Вели дека за прв пат е во Битола и македонскиот мелос го чувствува за близок.

„Кога добив понуда да отпеам и некоја песна од Битола, веднаш прифатив тоа да биде ’Битола мој роден крај’.Тоа беше и песна на мојот татко, многу ја сакаше, не знам од која причина. Како железничар кога ќе дојдеше од работа, постојано бараше да му ја испеам“, вели Крстиќ.

И во оваа тешка година за уметниците, организаторите почитувајќи ги најновите ковид протоколи велат- убедени се дека битолчани ќе имаат понуда за едно убаво музичко бегство од секојдневието.

Интерсот е мошне голем, но ковид протоколите ја преполовија бројката на билети. Покрај главната, ќе има и „офф програма“, а за квалитетна забава ќе се погрижи познат ди-џеј од Солун, со поддршка на колега од домашната сцена.

Стевче Митревски