Ковид-19

Светот закрепнува, Европа со раст на новозаболените

18.11.2021 15:57

Европа сѐ уште лидер во светот по бројот на инфицирани и починати од Ковид-19. Најмногу случаи се регистрирани во Русија, Германија и во Обединетото Кралство. Имунизацијата останува меѓу приоритетите во битката со пандемијата...

СЗО соопшти дека бројот на смртни случаи од коронавирус насекаде низ светот е стабилен или во опаѓање, освен во Европа и покрај масовните кампањи за вакцинирање. Најголем број нови случаи е регистриран во Русија, Германија и во Обединетото Кралство.

Европа е лидер во светот според бројот на инфицирани и смртни случаи од Ковид-19 откако бројот на смртни случаи се зголеми за пет насто. Со тоа стариот континент стана единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од ковид-19.

Словачкото министерство за здравство соопшти дека во вторникот се регистрирани 8.342 нови случаи, што е најголема бројка во земјата од 5,5 милиони луѓе досега.

Владата на Австрија ги обвинува невакцинираните жители за ширењето на болеста низ земјата, а најавено беше и ново затворање за оние што не се вакцинирале. Целта е да се поттикнат луѓето да се вакцинираат без да се воведе задолжителна вакцинација.

Доколку утре не се реши национално заклучување, Горна Австрија ќе биде обврзана заедно со нашиот соседен регион Салцбург да воведат целосно заклучување за двете провинции од на почетокот на следната недела“, изјави Томас Стелцер, гувернер на државата Горна Австрија.

Ќе бидеме обврзани да воведеме заклучување. Јас отсекогаш се борев против оваа мерка бидејќи заклучувањето не е конечна мерка, тоа е само краткорочен чекор за да ги олесниме болниците“, изјави Вилфрид Хаслауер, гувернер на државата Салцбург.

Белгија воведува задолжителна работа од дома четири дена неделно за да се избегне нов бран. Имунизацијата останува меѓу приоритетите во битката со пандемијата.

Здравствениот систем во Германија е пред колапс, а според новите ковид- мерки сите вработени мораат да имаат доказ дека се вакцинирани или негативен ПЦР тест за да влезат на работното место. Властите повикаа на затворање на клубовите и баровите и суспендирање на големите настани.

 

Марина Ристова