Македонија 2025

Пендаровски: Енергетската криза, ценовните шокови и другите предизвици не смеат да бидат пречка за дигитализацијата

18.11.2021 15:05

Дигитализацијата и забрзаниот економски раст во фокусот на 10-от јубилеен самит на Македонија 2025. Неизбежни теми секако и инфлацијата, растот на економиите, енергетска криза.

Не постојат добри услови за почеток на позитивните промени. Добрите услови ќе бидат резултат на позитивните промени. Успехот на нашата генерација ќе се оценува врз основа на тоа дали ќе успееме да обезбедиме подобра иднина за нашите млади, тука во Република Северна Македонија. А тоа ќе го постигнеме само ако изградиме напредно општество втемелено врз знаење и одржлива економија втемелена врз технологии, порача денеска претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на јубилејниот 10. Самит на Македонија2025 чија клучна тема е дигитализацијата.

Како што напомена Пендаровски, колку и да изгледа несоодветно да се зборува за дигитализација во време кога државата се соочува со сериозна енергетска криза и ценовни шокови, сепак, не смее да се дозволи актуелните предизвици да го спречат планирањето на овој неопходен чекор на развојот. Имаме само една опција, наместо да чекаме да завршат турбулентните случувања, треба со двојна енергија да работиме на преобмислување на постулатите на нашиот економски раст и развој.

Според претседателот, парадигмата на препознавање можности и во најголемите кризи, денес ни е потребна повеќе од кога било порано. Република Северна Македонија се наоѓа во клучен период од нејзиниот развој. Минатогодишното членство во НАТО ја постави земјата во нов геополитички контекст, а интеграцијата во ЕУ ги насочува реформите во практично сите сектори.

Тој укажа и на најновите податоци на Евростат од 2020 година кои покажуваат дека просекот на дигитализација и дигитални вештини во Северна Македонија е само 32 отсто, додека во ЕУ е 56 проценти.

Иако огромен број од нашите граѓани имаат пристап до интернет, најголем дел од нив го користат претежно за информирање и комуницирање преку социјалните медиуми. Неопходно е да ги насочиме нашите напори кон развивање дигиталната писменост и вештини зашто тие веќе станаа незаменлив критериум за рамноправно вклучување во глобалниот пазар на трудот, потенцира Пендаровски.

Ние, рече, не почнуваме од нула. Во земјава постои солиден ИТ сектор кој секоја година бележи се поголем раст со креирање нови работни места и со зголемување на уделот во македонската економија.