Вечерва ќе се доделат првите „Стендап Адрија“ награди

31.03.2014 14:09

Првите 12 лауреати на манифестацијата се избрани од 34 номинирани. За најдобри стендап комичар и комичарка во регионот во 2013 ќе бидат наградени Срѓан Јовановиќ од Србија и Марина Орсаг ...

Во пресрет на Денот на шегата, вечер од 20 часот во Универзална сала ќе бидат доделени првите награди „Стендап Адрија“ (Stand Up Adria Awards 2014) на 12 комичари од овој регион кои биле најуспешни во жанрот стендап комедија.
 
Шестмина се од Македонија, а останатите шест се од Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина и од Бугарија. Организатори на настанот се „Стендап Македонија“ и продукцијата „Дел Рио филмс“.
 
Првите 12 лауреати на манифестацијата се избрани од 34 номинирани. За најдобри стендап комичар и комичарка во регионот во 2013 ќе бидат наградени Срѓан Јовановиќ од Србија и Марина Орсаг  од Хрватска. Хрватот Домагој Пинтариќ ќе добие награда за најдобар клупски стендап комичар во минатата година, Пеѓа Бајовиќ од БиХ е прогласен за најдобар ветеран во овој жанр, Горан Фурјан од Хрватска - најголема стендап надеж за 2014-та, а Иван Кирков од Бугарија е најдобар стендап комичар во 2013 година надвор од Адрија. 
 
За најдобар македонски стендап комичар во минатата година ќе биде награден Никола Тодоровски, кој имал над 50 настапи, а за најдобра стендап комичарка - Весна Петрушевска. Сашо Тасевски е награден за најгледан стендап проект во 2013-та -  „Не ме лечи докторе, жити мајка“, со кој трипати ја наполнил Универзалната сала. Игор Џамбазов ќе добие награда за животно дело во областа на стендап-комедијата, на Сашко Коцев му се доделува наградата „Стендап суперстар во Македонија“, а на Тони Михајловски наградата „Стендап легенда на Македонија“.
 
Организаторите најавија дека сите тие вечер ќе ги примат наградите во Универзална, каде што секој од нив ќе има по 10-15-минутен перформанс. Покрај 12-те комичари, награда (во форма на микрофон) ќе добијат и три поддржувачи на стендап комедијата - ресторан „Џино“, хотел „Амбасадор“ и фирмата „Голдерен“.