Посета

Средба Пендаровски- Дуда, во фокус европската интеграција

19.11.2021 12:00

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда. Во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи, европската интеграција на земјава, како и состојбите во поширокиот регион...

На церемонија со највисоки државни и воени почести претседателот Стево Пендаровски денеска го пречека претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, кој престојува во официјална посета на земјава. Двајцата претседатели одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на двете делегации.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, во фокусот на разговорите се севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Полска, европската интеграција на земјава во Европската Унија, како и состојбите во поширокиот регион и Европа.

По завршувањето на пленарниот состанок на делегациите, двајцата претседатели ќе одржат заедничка прес-конференција.

За време на официјалната посета, претседателот Дуда е придружуван од неговата сопруга, Агата Корнхаузер-Дуда.

Пендаровски и Дуда ќе присуствуваат и ќе имаат обраќања на Македонско-полскиот бизнис форум што ќе се одржи во хотел Мериот, а ќе положат и венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“.

Во рамки на официјалната посета, претседателот Дуда ќе има средби и со претседателот на Собранието Талат Џафери и со претседателот на Владата Зоран Заев.