Прилеп

Почна исплатата на ковид- помошта за тутунарите

19.11.2021 14:59

Тутунарите во земјава од денеска ги добиваат парите на име државна помош од петиот ковид-пакет. Ќе им се исплатат 300 милиони денари. Со субвенциите, тутунарите добија вкупно две милијарди денари државна помош. Кон крајот на месецов се очекува да почне откупот на годинашнава реколта тутун која се оценува за квалитетна...

На 19.060 тутунари во земјава почнаа да им се исплаќаат вкупно 300 милиона денари на име помош од петиот ковид- пакет мерки. Ќе добијат по 3 денари за килограм втора класа предаден тутун и по 16 денари за трета и четврта класа. Две третини од помошта е за доминантната трета класа. За доцнењето, според, надлежните единствена причина беа изборите.

Стеванче Велјаноски, тутунар од прилепско Галичани ќе земе 25.000 денари помош. Подготвен е за откуп на новата реколта и очекува да се плати поради квалитетот.

Осум компании ќе ја купуваат годинашнава реколта тешка околу 22.000 тони. Откупот се најавува за крајот на ноември.

Министерството не очекува проблеми поради квалитетот, но инспекторатот будно ќе ја следи откупната кампања.

Елизабета Митреска