Посета

Дуда: Ако Софија каже „не“, лично ќе се заложам да се најде решение

19.11.2021 15:08

Доколку Бугарија опстои на ветото, лично ќе се заложам да се најде решение кое ќе ѝ овозможи на Северна Македонија влез во Европската унија, порача од Вила Водно полскиот претседател. Дуда е во дводневна посета на земјава. Билатералните односи, евроинтегративниот процес на земјава и состојбите во регионот во фокусот на разговорите со државниот врв...

Бугарија сѐ уште е во изборен процес, Владата не е формирана, но ако и овој пат официјална Софија каже „не“ за почнување на преговорите на Македонија, јас лично ќе се залагам за изготвување на некој патоказ, дециден полскиот претседател Дуда по средбата со неговиот домаќин Пендаровски. Сепак, очекува новоформираната влада во Бугарија да има поконструктивна позиција за спорот со Македонија.

Додека во Бугарија не се конституира парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои сѐ уште се кандидати на изборите, вели претседателот Пендаровски. Тоа се ставови од техничкиот министер за надворешни работи или од кандидатите на претседателските избори или пак, од оние кои треба да ја формираат идната влада, но не знаеме дали ќе ја формираат, истакна македонскиот претседател.

Пендаровски дециден- државава не врши дебугаризација. Потсети дека не постои ниту една пријава од етнички Бугарин кој побарал заштита од институциите затоа што му било оневозможено да ја декларира националната припадност.

Според шефот на државата, Полска покажува големо разбирање за позицијата во која се наоѓаме и прави напори да помогне во надминување на препреките и тоа не само билатерално, туку и преку Вишеградската група како и преку другите регионални форуми во кои членува.

Анита Димитријевска Велковска