Црн рекорд во ковид- центарот во Штип, за едно деноноќие починаа четворица пациенти
За едно деноноќие четворица починати во ковид- центарот во Штип. Се работи за лица над 70 години со сериозни коморбидитети, тројца од нив не биле вакцинирани. За пет дена во штипскиот ковид- центар починаа 13 пациенти...

Четворица пациенти, по двајца од Штип и Радовиш починаа во изминатото деноноќие во ковид-центарот во Штип. Сите се над 70 години, имале сериозни невролошки заболувања, а тројца од нив не биле вакцинирани. Во Инфективното одделение има над 50 пациенти, 44 од нив се на кислородна поддршка. Шестмина со полесни симптоми се лекуваат на одделението за кожни болести. За две недели во штипската болница починаа 20 ковид пациенти.
Пациентите доаѓаат со тешка клиничка слика и веднаш се ставаат на кислородна поддрка, дневно се троши до еден ипол тон кислород – велат од болницата.
Од Центарот за имунизација во Штип информираат дека и покрај предложените мерки од Комисијата за заразни болести, нема значајно зголемување на интересот за вакцинирање. Во Штип целосно имунизирани се над 35 илјади граѓани, а трета доза до сега примиле над 3.000 лица.
Славица Величковска
