Две кривични пријави за штипска докторка- работела без дозвола

31.03.2014 14:35

Според полицијата дозволата за работа била одземена во 2012 година, по што, докторката е осомничена за незаконска наплата на близу четири милиони и петстотини илјади денари...

Штипската полиција поднесе две кривични пријави против штипска докторка, која како што стои во соопштението до јавноста, работела без дозвола од Министерството за здравство како матичен лекар. Полицијата ја сомничи докторката – специјалист по трудова медицина и дека вршела систематски прегледи за вработените на 21 правно лице, исто така без дозвола. Според полицијата дозволата за работа била одземена во 2012 година, по што, докторката е  осомничена за незаконска наплата на близу четири милиони и петстотини илјади денари.
 
Докторката Ружа Устапетрова, негира дека работела без дозвола и повикува на увид во документацијата. Во писмената изјава до Македонската телевизија објаснува дека по исполнувањето на условите за пензионирање, побарала и добила дозвола од Министерството за здравство за продолжување на дејноста. Од тогаш па до сега, работи врз основа на легална дозвола.
 
Во Фондот за здравство во Штип, раководителот Димитар Кереместевски потврди дека на докторката Устапетрова и’ издале дозвола за работа, која важи до 2014-та година. Од полициските инспектори, кои при истрагата дошле во увид на документацијата, Кереместевски разбрал дека Министерството за здравство го раскинало договорот со ординацијата “Д-р Ружа“. Како се случило Фондот да не е информиран за раскинувањето на договорот, Кереместевски не знаеше да каже.
 
Министерството за здравство од 2008- ма година до сега, во Штип има одземено една дозвола за работа на специјалистичка ординација, поради вршење на дејност надвор од дозволата. Контролата била направена по претставка на доктор.  
 
Весна Коловска