Втор мандат за Румен Радев
По победата, Радев рече дека изборите ја покажале желбата на луѓето за промени, за раскинување со корупцијата, за грабежот и мафијата да се тргнат од власта. Во првиот говорот по победата, Радев се осврна и на односите со земјава.

Актуелниот бугарски претседател Румен Радев се избори за втор мандат на функцијата. Тој во вториот круг на претседателските избори го победи противкандидатот Анастас Герџиков. По победата, Радев рече дека изборите ја покажале желбата на луѓето за промени, за раскинување со корупцијата, за грабежот и мафијата да се тргнат од власта. Во првиот говорот по победата, Радев се осврна и на односите со земјава.
„Новата влада не треба да отстапи од националните позиции, особено кога влогот се бугарскиот идентитет и историја, и правата на нашите сонародници надвор од границите“, рече Радев.
Противкандидат на Радев, поддржан од ГЕРБ, Анастас Герџиков, го призна поразот и ја честиташе победата.
„Честитки до победниците, сите ние се надеваме дека за доброто на целиот народ, нивните ветувања ќе бидат исполнети, а не моите предвидувања во последните неколку недели“, изјави Герџиков.
Претходно, победникот на парламентарните изборите, центристите од коалицијата „Продолжуваме со промената“ најавија нов пристап и подобри односи со земјава. Тогаш, еден од двајцата лидери на коалицијата, Кирил Петков навести дека ќе води попријателска политика, во работни групи од двете земји, коишто би се среќавале најмалку еднаш месечно, да не бидат вклучени само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието за да се придвижи процесот кон градење добрососедство.
Марина Ристова
