Во Кратово изложба на балкански носии

22.11.2021 12:31

Носиите потекнуваат од Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија и датираат од крајот на 19 и почеток на 20 век, а се класифицирани според социјалниот статус.

Во организација на Општина Кратово и ансамбл „Македонија“ од 21-ви ноември просторот во Музеј на град Кратово го краси изложба на традиционални балкански носии. Носиите потекнуваат од Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Бугарија и датираат од крајот на 19 и почеток на 20 век, а се класифицирани според социјалниот статус.

Градоначалникот на Кратово, Тодорче Николовски при отворањето на изложбата потенцираше дека културните збиднувања заземаат значаен дел од неговата програма затоа што се тие важен сегмент од општественото живеење и многу потребни на градот Кратово, на кој како жив музеј му прилегаат овој вид на настани.

Отворањето на изложбата беше надополнета со вокални изведби на групата „Посавина“ од Хрватска и на членовите на ансамблот „Македонија“.

Оваа изложба е дел од Меѓународната ревија на народни носии, проект, поддржан од Министерството за култура, и ќе биде отворена до 30-ти ноември.