Македонија

Плажите во Охрид повторно ќе се издаваат под концесија

22.11.2021 12:53

Плажите на брегот од Охридското Езеро повторно ќе се издаваат под концесија. Се чека на урбанистичкото решение кое ќе го опфати овој потег, кое треба да укаже како треба да се уредат плажите и со какви материјали треба да се градат објектите. Ова го најави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој тврди дека на охридското крајбрежје не се уривале дивоградби туку објекти чија изградба била одобрена од Министерството за транспорт и врски.

Во Охрид немаше акција за уривање на нелегални објекти на плажите, бидеќи сите тие беа направени врз основа на проекти кои беа прифатени и одобрени од Министерството за транспорт и врски, вели новоизбраниот градоначалник на Охрид, Кирил Пецаков. Според него проблемот бил во неспособноста на тогашната локална самоуправа да изнајде решение за начинот како плажите треба да се издаваат под концесија.

„Не станува збор за дивоградби, станува збор за проекти врз основа на кои што беа издадени плажите под концесија, а претходната локална самоуправа, вклучуваќи ја и централната власт од 2017-тата, а некои од 2016-тата не најдоа за сходно да ги решат концесиските договори. Толку е проблемот, затоа ве прашав за кои дивоградби или зборувате можеби за дивоградбата каде што се урнаа три цигли и дел од кровот“, изјави градоначалникот Пецаков.

Плажите повторно ќе се издаваат под концесија, вели Пецаков, кој посочи дека веќе имал работен состанок во Министерството за транспорт и врски при што побарал урбанистичко решение за тој дел од крајбрежјето. Според најавите се очекува да се градат типизирани објекти бидејќи веќе имаше јавен повик како тие треба да изгледаат.

„Суштината е дека и сега како тема број еден, не само екологијата туку и сите оние теми поврзани со животната средина ќе предвидат функционирање, односно изградба на плажите од природни материјали и веројатноста дека откако ќе ја добиеме потребната документација 50 проценти ќе бидат лежалки и 50 проценти ќе бидат слободни за граѓаните да можат да си ги користат“, рече Пецаков.

Што се однесува до реакциите на охриѓани поради тоа што дел од поранешните концесионери плажите ги користеа и како ноќни клубови, Пецаков посочи дека со тогашните договори работното време било ограничено од 9 часот наутро до 21 навечер. Меѓутоа непочитувањето на работното време според него е проблем на државата која тоа го дозволила, односно пазарната и трудовата инспекција, Управата за јавни приходи или други државни институции, кои можеби одобриле да се регистрираат фирми за таков вид на дејност.

 

Сашо Нелоски