Заострени мерки низ Европа
Локдаун во Австрија. Надвор од домот само за неопходни намирници. Построги мерки за невакцинираните и забрана за влез во затворените простори стапија во сила во Грција. Од 1-ви декември Австралија ќе им дозволи на целосно вакцинираните лица да влезат во земјата...

Австрија влезе во четвртиот „локдаун“. Земјата е во строг карантин 10 дена, со опција, заклучувањето да продолжи и 20 дена. Жителите можат да ги напуштат домовите само поради купување намирници, одење на лекар или вежбање. Училиштата се отворени но, родителите се охрабруваат да ги задржат децата дома. Австрискиот канцелар Шаленберг, минатата недела објави дека земјата ќе воведе задолжителна вакцинација за сите од први февруари.
„Веднаш треба да спроведеме задолжителна вакцинација. Така беше и во минатото. Како дете се вакцинирав на училиште - без мајка ми да мора да потпише нешто, без да ме прашаат. Сите преживеавме“, изјави Кристин Локос- жителка на Виенa.
„Изнервирана сум, но се обидувам да го извлечам најдоброто од целата состојба“, вели Лиза Бернштајнер- адвокат.
Австрија е меѓу неколкуте западноевропски земји каде што бројот на инфекции со Ковид-19 рапидно се зголемуваат.
„Требаше да се спроведе задолжителна вакцинација уште на лето. Мислам дека владата го преспа тој период, реагираше премногу бавно“, смета Георг Хубер- адвокат.
Од денеска построги мерки за невакцинираните и забрана за влез во затворените простори стапија во сила во Грција. Промени има во одржувањето на литургиите и работното време за јавната администрација. Поради рестрикциите, викендов во Европа се одржија серија протеси.
„Ние ја сакаме нашата слобода. Да не инјектираме нешто што не е добро тестирано, да одиме на работа, да бидеме таму каде што сакаме да бидеме. Живееме во Западна Европа и сакаме само да бидеме слободни, како што бевме порано“, вели Евелин Денајер, демонстрант од Брисел.
Во светот, од 1-ви декември Австралија ќе им дозволи на целосно вакцинираните лица да влезат во земјата, а Нов Зеланд ја напушта политиката на нула ковид. Американскиот експерт за заразни болести Ентони Фаучи ги повика американците кои се целосно вакцинирани да примат и трета доза, за да ја зачуваат оптималната заштита од коронавирусот.
Маријана Димовска
